Казни затвор за ексдиректорите на тетовската болница – втора пресуда за трагедијата

Судот донесе втора пресуда за трагичниот пожар во модуларната болница во Тетово, во кој во септември 2019 година животот го загубија 14 пациенти. Поранешните директори Флорин Бесими и Артан Етеми се осудени на една година и шест месеци затвор, за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“.

Болницата доби парична казна од еден милион денари

Болницата во Тетово, која беше обвинета како правно лице, повторно доби парична казна од 1.000.000 денари – исто како и во првата пресуда. Во неа, директорите добија условна казна, а д-р Бобан Вучевски беше ослободен.

Истражувањето за модуларните болници сè уште заглавено

Судијата уште при првото судење истакна дека процесот не ги утврдува причините за пожарот, туку е насочен само кон одговорноста за безбедноста.

Постапката што требаше да утврди како се градени, одобрени и пуштени во употреба модуларните болници сè уште е во фаза на предистрага, речиси четири години подоцна.

Заглавена истрага за јавните набавки

Предметот под надлежност на обвинителката Елизабета Јосифовска, кој требаше да ја испита тендерската документација за модуларните болници, нема јавнообвинителска одлука. Нов момент е што републичкото јавно обвинителство сега го разгледува случајот, откако била поднесена претставка – но не е јасно кој ја поднел, ниту за што точно се однесува.

Verified by MonsterInsights