Агенцијата за цивилна одбрана на Газа соопшти дека во четврток (29 мај) биле убиени најмалку 44 лица во серија израелски напади врз Појасот Газа. Од нив, 23 жртви се резултат на директен напад врз домот на семејството Креинави во близина на бегалскиот камп Ал-Буреиџ, централна Газа.
Мохамед ал-Мугајир од цивилната одбрана истакна дека неколкумина се повредени, а некои се уште се водат како исчезнати под урнатините.
Израелската војска испитува инцидентите
Во близина на американскиот центар за помош во Мораг, јужна Газа, израелските сили, според извештајот, убиле две лица и повредиле неколку други. Армијата на Израел засега само изјави дека ги „испитува“ инцидентите.
Центарот е дел од новиот систем за дистрибуција на хуманитарна помош, поддржан од САД, кој е предмет на критики од ЕУ и ОН поради опасноста резервите да паднат во рацете на Хамас.
Израел: Целевме терористички инфраструктури
Во своето официјално соопштение, израелската армија објави дека погодила „десетици терористички цели“, вклучувајќи тунели, снајперски пунктови и воени структури кои претставувале директна закана.
Воената кампања е продолжение на нападот од Хамас на 7 октомври 2023 година, при што беа убиени 1.218 лица, претежно цивили. Од 251 заложник, 57 се сè уште во Газа, од кои 34 се сметаат за мртви.
Бројот на жртви расте – прекин на огнот не е на повидок
Според Министерството за здравство во Газа, од прекинот на примирјето на 18 март досега, загинале 3.986 лица. Вкупниот број на загинати од почетокот на војната е 54.249 – претежно цивили. Медијаторите и понатаму повикуваат на прекин на огнот, но без напредок.