Во продолжението на судскиот процес за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, сведочеше таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Во потресното сведочење пред Кривичниот суд, тој говореше за личната трагедија, болката, разочараноста од институциите и емоционалниот пекол што го поминува како родител.
„Кога ја најдов Вања, беше доцна. Кога ѝ го одзедоа животот, го одзедоа и мојот. Семејството е упропастено, како и сите околу нас“, рече Ѓорчевски, додавајќи дека сторителите „не се каат за ништо“.
Сомнежи и гнев кон институциите
Тој детално опиша како самиот се вклучил во потрагата за ќерка му, барал снимки од камери, контактирал со пријатели во МВР, Интерпол, па дури и американската амбасада. Испратил порака до мобилниот на Вања во надеж дека нејзините киднапери ќе го вклучат телефонот и ќе ја видат:
„Пораката беше јасна – сè што ќе побараат, сè ќе направиме.“
Обвини и дека полицијата го третирала како осомничен. Според неговото сведочење, бил изложен на физичка тортура кога бил повикан откако било пронајдено телото на Вања. „Ми рекоа дека треба да признаам нешто, а не знаев зошто сум таму“, изјави тој.
Емоционален товар и сведочење за убиството
Александар рече дека на рочиштата не може да ги гледа обвинетите и затоа најчесто ги затвора очите. Обвини дека се исполнети со гнев и разочарување од т.н. „цар“ (алузија на главниот обвинет Љупчо Палевски).
„Секое рочиште ги слушам ужасите што ѝ ги направиле на Вања. Кој ја грабнал, кој ја трескал по гепеци, ја ставале во вреќи, ѝ вршеле психички туртури… Да не беа фатени, кој знае колку деца ќе страдаа понатаму“, рече тој.
За судирот со полицијата и избришаната порака
Во врска со вибер-групата каде комуницирале родителите од класот на Вања, Ѓорчевски призна дека испратил навредлива порака насочена кон полицијата, бидејќи сметал дека не постапуваат како што треба. Пораката подоцна ја избришал.
„Ги гледав снимките. Ја видов ‘колата на смртта’. Сè што можев – направив. Ми рекоа дека детето само побегнало. Не можев да прифатам такво нешто.“
За судбината на семејството
Семејството на Вања, според зборовите на таткото, е целосно уништено. Во еден момент, тој посочи дека целта на животот му била таа – неговите ќерки. По смртта на Вања, иако се обидува да остане силен за Миња – втората ќерка, признал дека во него нема ништо исто како претходно.
Следното рочиште е закажано за петок. Судењето продолжува, но одекот на сведочењето на Александар Ѓорчевски силно го потресе и судот и јавноста.