ЕУ ги казни автомобилските гиганти со 458 милиони евра

Европската комисија изрече вкупна казна од 458 милиони евра на 15 автомобилски производители и Здружението на производители на автомобили (ACEA) поради договарање и размена на доверливи информации поврзани со рециклирање на возила. Според Комисијата, компаниите учествувале во нелегални договори што го ограничиле натпреварувањето на пазарот помеѓу 2002 и 2017 година.

Германскиот гигант Фолксваген ја доби највисоката казна од 127 милиони евра, а следат Рено/Нисан (81,5 милиони), Стелантис (75 милиони), Форд (41,5 милиони), БМВ (25 милиони), Опел (25 милиони), Тојота (24 милиони) и ACEA (500.000 евра).

Тајни договори за рециклирање и замолчување на потрошувачите

Според наодите на Европската комисија, производителите не само што разменувале доверливи информации туку и се договарале да не ги рекламираат нивните напори за рециклирање, со цел да спречат потрошувачите да вршат притисок за подобри еколошки стандарди. Со тоа, компаниите го ограничиле натпреварувањето на пазарот на еколошки автомобили и намерно ја потиснале еколошката свест кај потрошувачите.

Потпретседателката на Комисијата, Тереза Рибера, изјави: „Нема да толерираме картели од каков било вид, вклучувајќи и оние кои ја потиснуваат побарувачката за еколошки производи.“

Мерцедес-Бенц повторно доби имунитет

Компанијата Мерцедес-Бенц избегна казна откако го означи картелот пред надлежните институции. Благодарение на ова, доби целосен имунитет од парична казна, која инаку изнесувала околу 35 милиони евра.

Паралелна истрага во Обединетото Кралство

Истиот картел бил предмет и на истрага во Велика Британија, каде што 10 производители и две трговски тела се казнети со 77,7 милиони фунти (околу 93 милиони евра). Меѓу санкционираните се BMW, Ford, Jaguar/Land Rover, Peugeot/Citroen, Mitsubishi, Nissan, Renault, Toyota, Vauxhall и Volkswagen.

Британската управа за конкуренција и пазари (CMA) истакна дека производителите незаконски се договарале да не се натпреваруваат во промовирање на рециклирањето и се здружувале во договори со компании за отпад со цел избегнување на конкурентни понуди.

Verified by MonsterInsights