Државата тоне во долгови, а институциите трошат милиони на автомобили!

Најголем дел од буџетот за возила го потрошила Владата, која набавила 45 службени автомобили за високи функционери, секое со цена од 50.000 евра. Според Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, владините набавки не само што чинат многу, туку и покажуваат загрижувачки тренд на ниска конкуренција во тендерите, бидејќи во 70% од случаите има само една понуда.

„Приметуваме тренд на зголемување на трошоците, но и на еден вид луксузирање на институциите со службени возила“, изјави Филков.


Најскапите автомобили – општина Шуто Оризари на врвот

Меѓу најскапите службени возила купени во последните две години се оние на:
Општина Шуто Оризари
Државна видеолотарија
Општина Битола
Комуналец Кавадарци
Водостопанство

Овие автомобили чинат помеѓу 51.000 и 55.000 евра, што ги прави значително поскапи од просечната цена на возилата кои институциите ги набавиле, која изнесува 31.760 евра.


Владата признава – 45 возила не се доволни

Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томоски, признава дека владините 45 возила се користат за претседателите, министрите и странските делегации, но тврди дека бројката е недоволна.

„Кога доаѓаат поголеми делегации, мораме да изнајмуваме возила“, вели Томоски, додавајќи дека владата прави анализа дали е поисплатливо да купува или да зема возила на лизинг.


Потребна е нова политика за набавка на службени возила

Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, 44 институции склучиле 72 договори за јавни набавки за нови возила. Организацијата предупредува дека е неопходна нова политика за тоа кои возила може да се купуваат и кој може да ги користи.

„Секоја година земаме кредити за да го полниме буџетот, а државните институции трошат милиони на нови автомобили“, велат од Центарот.

Verified by MonsterInsights