Драма во НБА: Лејкерс паднаа, Дончиќ под жестоки критики

Лос Анџелес Лејкерс се најдоа на праг на елиминација по драматичниот пораз од Минесота Тимбервулвс со резултат 116:113. Иако Лејкерс успеваа да останат блиску до противникот речиси цел натпревар, на крајот мораа да се соочат со нов пораз кој ги доведе во критична ситуација во плејофот.

Минесота подобра во клучните моменти

Натпреварот беше полн со неизвесност, а гостите од Минесота генерално беа подобри во текот на натпреварот. Лејкерс имале кратка предност во првото полувреме, но на паузата се заминало со водство на Минесота од 61:58.

Во второто полувреме, Лејкерс преку Лука Дончиќ повторно се обидоа да ја превземат иницијативата, но на крајот клучните грешки ги чинеа победа.

Контроверзна завршница и одлуки на судиите

Финишот на натпреварот беше особено драматичен. Дончиќ падна, но успеа навреме да побара тајм-аут и да ја спаси топката за својот тим. Меѓутоа, по тајм-аутот, Леброн Џејмс направи грешка при изведба, што по прегледување на снимките резултираше со две слободни фрлања за Минесота и три поени предност само десет секунди пред крајот.

Судиите повторно беа во фокусот поради долгото прегледување на спорните моменти, но на крајот одлуките им припаднаа на гостите.

Дончиќ под жестоки напади од навивачите

Иако постигна импресивни 38 поени, Лука Дончиќ по натпреварот се најде под остри критики од навивачите. Голем дел од фановите на социјалните мрежи го обвинуваат за слаба физичка подготвеност, катастрофална одбрана и себичност во нападот во најважните моменти од мечот.

– Сите ќе кажат дека постигна 38 поени, но беше ужасен во одбраната и пет минути во последната четвртина не подаде топка на никого – беше еден од најкоментираните ставови на социјалните мрежи.

По овој пораз, Лејкерс се соочуваат со императив да победат во следниот натпревар доколку сакаат да ги задржат шансите за продолжување во плејофот.

Verified by MonsterInsights