Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, најави дека ќе испрати официјално писмо во наредните денови со кое ќе го формализира барањето за воен сојуз со Србија и Унгарија. Тој изјави дека оваа идеја вклучува не само воена соработка туку и зајакнување на внатрешната безбедност преку заеднички активности со полициите на двете земји.
„Имаме ресурси и можеме да соработуваме со Србија и Унгарија, да организираме заеднички безбедносни вежби,“ рече Додик за „Вечерње новости“.
Нов Устав и политичко дистанцирање од Сараево
Додик потврди дека Република Српска нема намера да се откаже од процесот за усвојување на нов Устав. Според него, опозицијата во Српска е против иницијативата бидејќи „го слуша Сараево“, што според него не е одраз на интересите на народот.
„Република Српска има право на своја војска и гранична полиција според Дејтонскиот договор и Уставот. Не бараме ништо ново“, истакна Додик.
Референдум пред усвојување
Тој посочи дека пред евентуалното усвојување на новиот Устав, ќе се одржи референдум, на кој граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат.