Свет на работ на нова војна – или мудро одложување?
По денови воздушни напади, закани и тензии, претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека постигнато е примирје меѓу Израел и Иран. Но, оваа објава наместо мир донесе нова серија прашања: кој точно се договорил, кои се условите, и зошто токму сега?
Според Белата куќа, Иран го прифатил прекинот на огнот поради „сериозно ослабена состојба“ предизвикана од американско-израелската воена офанзива. Но Израел не потврди дека има договор – напротив, ракети продолжија да паѓаат, а во нападот во Бершеба загинаа четворица.
Примирје без гаранции
Се чини дека примирјето нема јасни услови, временска рамка или потврда од сите страни. Израел, Иран и САД водат различни наративи – едните го признаваат, другите не, а трети молчат. Израел официјално не потврди постоење на договорот, а Техеран испрати нови ракети кон Израел само неколку часа по објавата.
Сепак, Белата куќа тврди дека договорот е вистински и дека Катар одиграл клучна улога во посредувањето меѓу завојуваните страни.
Тактички маневар или политички театар?
Според аналитичарите, Трамп со ова направил „финта“ – помогнал да се изврши силен притисок врз Иран, а потоа „подарил“ мир. Вистинската цел? Да изгледа како лидер што носи резултати – без да влезе во отворен конфликт.
Во исто време, Израелците, според изјави, сакале што побрзо да ја завршат кампањата. А Иран? Ослабен, но не и покорен – нивниот одговор на нападите бил „прецизно дозиран“ со цел да избегне целосна војна со САД.
Примирје или само пауза пред нов удар?
Со оглед на тоа што нема конкретен договор, прашањето е – колку ќе трае оваа тивка фаза? И дали воопшто постои договор или е само медиумски маневар?
Според Ројтерс, примирјето е повеќе дипломатска формула отколку вистински мировен договор. А додека Иран, Израел и САД меѓусебно си ги мерат силите, целиот регион седи на буре барут.