Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека никој не бил потешко повреден, но дека на вчерашниот масовен антивладин протест во Белград „имало повеќе насилство отколку што би сакал да види“. Овој протест е опишан како најголем во историјата на Србија. Според достапните податоци, присуствувале околу 107.000 луѓе, но независниот набљудувач „Архив на јавни собири“ процени дека бројот бил меѓу 275.000 и 325.000.
„Да не откривме оружје претходно, кој знае како ќе завршеше ова. Откривме најразлични работи и не сме сигурни дали сме откриле сè“, изјави Вучиќ.
Инциденти и насилство на протестот
Протестот, кој требаше да заврши вечерта во 21 часот, беше прекинат еден час порано. Студентите објавија дека по првиот инцидент, што се случил во близина на Пионирски парк, протестот веќе не бил студентски. Тие тврдат дека шишиња и камења биле фрлани од правец на кампот на приврзаници на Вучиќ.
„Ова беше голем протест, огромен број луѓе дојдоа од внатрешноста на земјата. Собирот се одржа во атмосфера на голем гнев и незадоволство кон властите. Повредени се 56 лица, но никој не е во критична состојба, што е добра вест. Приведени се 22 лица за напади врз имот, полицајци и други граѓани. Имаше многу повеќе насилства отколку што би сакал да видам“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека воената служба проценила дека на протестот имало 88.000 луѓе, додека полицијата изнесла бројка од 107.000.
Вучиќ ги обвини опозицијата и протестирачките групи
„Горд сум што 99 проценти од студентите во блокадата не сакаа инциденти. Не се согласувам со нивните политички ставови, но сум задоволен што не сакаа да учествуваат во насилство и што го напуштија собирот по првите инциденти“, изјави Вучиќ.
Тој ја обвини опозицијата дека се обидела да ги злоупотреби студентите за свои цели.
На протестот, кој привлече стотици илјади граѓани од цела Србија, пред Собранието беа прочитани барањата на студентите. Во 19 часот беше одржан 15-минутен молк во чест на 15-те загинати во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година. Од 20 часот протестот требаше да продолжи со „најголемата бучава во Србија“, но беше прекинат поради насилни инциденти.