Царинската управа информира за серија успешни откривања на обиди за шверц и нелегален транспорт на граничните премини Богородица, Блаце и Меџитлија, при што се запленети големи количини на пари, цигари, вино, техничка опрема и моторни делови, како и спречен обид за илегален влез на мигранти.
Цигари скриени во цистерни
На граничниот премин Богородица, царинските инспектори пронашле 49 штеки цигари и 300 грама тутун скриени во цевки од цистерна. Возачот ги поврзал со сајла за да може полесно да ги извлече. Целта – избегнување на давачки од 81.000 денари. Во друг случај, во кабина на друга цистерна биле пронајдени дополнителни 6 штеки цигари. За двата случаи се поведени соодветни постапки.
Запленети 30.000 евра
Српски државјанин се обидел нелегално да изнесе 40.000 евра од државата, без да пријави при влез. Законски, му биле вратени 10.000 евра, додека преостанатите 30.000 евра се задржани.
Спречен шверц на мигранти
Службата за мобилен скенер пронашла четворица мигранти од Египет скриени во простор за палети на камион со грчки таблички на граничниот премин Богородица. Случајот е предаден на полицијата за понатамошна постапка.
Шишиња вино и моторни делови
На граничниот премин Блаце бил спречен обид за шверц на 540 шишиња вино скриени во автобус.
Во Меџитлија, кај албански државјанин биле откриени 143 резервни делови за возила и 24 литри моторно масло.
Таблети и техничка опрема во автомобил
На преминот Блаце, во багажник на автомобил со македонски таблички биле пронајдени три таблети, две матични плочи и четири читачи на жетони за кафе-апарати.