Секторот за внатрешни работи Куманово информира дека во текот на вечерта на 1 и 2 април биле приведени две лица поради управување со моторни возила под дејство на алкохол, со концентрации далеку над дозволената граница.
Во Куманово, во 23:20 часот, полицијата го лишила од слобода 37-годишниот А.М. кој управувал возило марка „Рено“ со 1,68 промили алкохол во крвта. Според МВР, против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Сообраќајна несреќа на магистралниот пат кај Крива Паланка
Само час подоцна, на 2 април во 00:20 часот, полицијата од Крива Паланка го привела 34-годишниот М.П. кој вечерта на 1 април, околу 22:10 часот, со товарно возило „Волво“ со скопски регистарски ознаки излетал од коловозот на магистралниот пат Крива Паланка – Деве Баир.
Возачот се здобил со телесни повреди кои биле констатирани во Здравствениот дом во Крива Паланка. Анализата покажала присуство на 1,57 промили алкохол во крвта. И против него ќе биде поднесена кривична пријава за безобѕирно управување со моторно возило.