Спротивно на популарното мислење дека автомобилите од минатото биле поиздржливи, ново истражување спроведено од американската онлајн платформа за продажба на половни автомобили „Ајсикарс“ покажува дека модерните автомобили се способни да поминат значителна километража без поголеми проблеми. Според оваа студија, некои од најновите модели на пазарот можат да поминат дури 402.000 километри, што е нов стандард за издржливост.
Дефиниција за издржлив автомобил
Со оглед на напредокот во технологијата и квалитетот на изработка, истражувачите ја ажурирале дефиницијата за долготраен автомобил. Наместо досегашната граница од 322.000 километри (200.000 милји), новиот праг за издржливост е поставен на 402.000 километри (250.000 милји). Според оваа дефиниција, просечниот автомобил има 8,6 проценти шанси да ја достигне оваа километража.
Истражувањето опфати дури 402 милиони возила, анализирајќи го нивниот просечен број на поминати километри и нивната старост. Ова овозможи развивање на модел за процена на веројатноста дека одреден автомобил ќе достигне висока километража без значајни дефекти.
„Тојота“ и „Хонда“ водечки во издржливост
На врвот на листата на производители чиј автомобили имаат најголема шанса да достигнат 400.000 километри без проблеми се наоѓаат јапонските брендови „Тојота“ и „Хонда“. Според истражувањето, 17 проценти од возилата на „Тојота“ имаат шанса да ја надминат оваа километража, додека кај „Хонда“ тој процент е 13,6. Овие два бренда доминираат во сите категории на анализираните возила: патнички автомобили, теренци и пикапи.
Најиздржливи модели
Моделот „тојота тундра“ се истакна како најиздржлив автомобил на пазарот со 36,6 проценти шанси да помине 400.000 километри. Покрај него, уште четири модели на „Тојота“ се најдоа на врвот на листата: „тојота секуола“, „тојота такома“, „тојота ранер“ и „тојота хајлендер хибрид“.
Севкупно, од 30-те анализирани возила, 16 се СУВ модели, следени од осум пикапи и шест патнички автомобили. Оваа статистика укажува дека, иако мислењето за модерните автомобили како помалку издржливи е често застапено, технологијата и напредокот во производството го продолжуваат животниот век на возилата, овозможувајќи им на сопствениците да добијат повеќе километри без значителни дефекти.