И покрај понудените месечни плати од 1.500 до 2.000 евра, сточарите од Штипско и поширокиот Плачковички регион и годинава се соочуваат со сериозен недостиг на овчари. Во периодот од Митровден (8 ноември) до Ѓурѓовден (6 мај), кога грижата за стадата е најинтензивна, сопствениците на овчарски стопанства едвај наоѓаат работна рака.
„Нудиме високи плати, а младите си одат по неколку дена“
„Многу млади дојдоа, но заминаа по недела-две. Работата е тешка – треба да се стане рано, да се чува и храни, особено во периодот на објагнување. Нудевме и по 2.000 евра месечно, но и тоа не беше доволно“, велат сточари од штипскиот крај.
Овчарството бара постојано присуство, грижа и искуство, особено за јагнињата. Но многумина, дури и од села каде сточарството било традиционално, денес одбиваат да се занимаваат со оваа професија.
Тутунарството победи – младите избираат полесна заработка
Во некои села од регионот, тутунарството повторно станува попривлечно. Дел од потенцијалните овчари од Радовиш и Штип велат дека тутунот, иако бара труд, нуди бенефиции, сигурен откуп и поддршка, па затоа го гледаат како подобра алтернатива од овчарството.
„Со браќата се договоривме – едни со овците, други на тутунот. Сите работиме, но тутунот оваа година повеќе ни се исплатеше“, велат младите овчари Џемаил и Али од села во Радовишко.
Опаѓање на стадата и недостиг на работници
Проблемот не е само во платата, туку и во општата незаинтересираност за овчарската работа, велат сточарите. Стадата се намалуваат, а големите стопанства со по неколку стотини овци стануваат реткост.
Ниту увозот на работна рака, кој се практикува во други делови од земјата, не е застапен во Источна Македонија. Домашна работна сила има сè помалку, а стравот е дека ако ова продолжи – овчарството ќе исчезне како занает.