Палевски ќе одговара што правел дента кога е убиена Вања

Денеска продолжува судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, каде главен обвинет е Љупчо Палевски – Палчо. Претходното рочиште беше одложено поради здравствени проблеми на неговиот адвокат, Јовица Страшевски. Судијата Ивица Стефановски најави дека ако проблемот се повтори, ќе назначи бранител по службена должност.

Ќе одговара за денот на убиството на Вања

На денешното рочиште, Палевски ќе продолжи со својот исказ, почнувајќи со одговори на прашањата од својот адвокат. Посебен фокус ќе биде ставен на 27 ноември 2023 – дента кога, според обвинението, била убиена Вања Ѓорчевска. Засега, не е дадено негово објаснување каде се наоѓал и што правел тој ден.

На претходните рочишта, тој веќе даде исказ за 22 ноември – денот на убиството на Панче Жежовски, но истрагата продолжува со барање дополнителни одговори.

Ќе одговара и на прашања од обвинителството

По завршувањето на прашањата од одбраната, ќе следуваат прашања од страна на обвинителството. Ако има време, ќе има можност да одговара и на прашања поставени од останатите обвинети и нивните адвокати.

Палевски негира вина и обвинува за „политички линч“

На последното рочиште, Палевски негираше дека ги извршил убиствата. Тој јавно ги нападна и новинарите, тврдејќи дека е жртва на медиумски и политички прогон.

„Ниту сум монструм, ниту убиец. Јас сум под линч од портали кои се контролирани од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а киднапиран од Кривичниот суд“, изјави Палевски.

Адвокатот Јовица Страшевски, пак, во јавноста зборуваше за сомнежи во доказите кои го поврзуваат неговиот клиент со двете убиства.

Verified by MonsterInsights