Во период од само десет дена, две мали деца беа каснати од улични кучиња на плоштадот Магнолија, во срцето на Битола. Едното дете е на неполни две години, а другото има осум. Двете деца се здобија со тешки повреди на лицето и беа хоспитализирани во Клиничката болница. Според информациите, осумгодишното дете било нападнато на 13 април и добило повреди на челото, додека на Велигден, 20 април, помалото дете било каснато во пределот на устата, образот и брадата.
Итни мерки и состанок по инцидентите
По сериозните инциденти, денеска се одржа вонреден состанок на кој присуствуваа претставници од прифатилиштето за улични кучиња „Хачико“, ветеринарните клиники и Агенцијата за храна и ветеринарство. Од Општина Битола соопштија дека на состанокот се разговарале законските можности за отстранување на кучињата од улица и нивно сместување во прифатилиштето.
Најавено е понатамошно заловување на кучиња од критичните зони во центарот – Широк Сокак, Градскиот парк, Саат Кула и Офицерскиот дом. Поради зголемениот број на туристи, ќе има засилена координација со СВР Битола, особено на локации за кои постои сомнеж дека се точка на испуштање на кучиња од околните населени места.
Ограничувањата на законот и работењето на прифатилиштето
Според изјави од Општината, доколку куче кое е веќе стерилизирано и социјализирано не предизвикало инцидент, прифатилиштето нема законски основ повторно да го залови. Од октомври 2024 година до денес, преку прифатилиштето се стерилизирани, кастрирани и вакцинирани повеќе од 200 кучиња – над 25% од вкупниот број.
Прифатилиштето работи по принципот „залови, стерилизирај, вакцинирај и врати/вдоми“, а целта е на долг рок да се намали популацијата на улични кучиња.
Растечки трошоци за обештетувања
Проблемот со нападите од кучиња ја чини Општина Битола сѐ повеќе. Во периодот 2021–2023, седумпати е зголемена сумата што општината ја исплаќала по тужби на граѓани. Во 2023 година се исплатени речиси 7.770.000 денари (над 126.000 евра). Во 2022 година биле исплатени околу 47.000 евра, а во 2021 – 18.350 евра.
Во 2023 година, Општината обезбеди 40 милиони денари за изградба на голем стационар за бездомни животни, но со тие средства беше изградено тековното прифатилиште во вредност од 4.1 милион денари.
Следуваат нови мерки
Од општината најавуваат дека контролите нема да престанат по Велигден, туку ќе продолжат и ќе се прошируваат. Ќе се следи и продажбата на сезонска храна и пијалаци, а институциите ќе преземат построги мерки против сите што ја загрозуваат јавната безбедност – како за луѓето, така и за животните.