Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека според првичните информации, причината за синоќешната сообраќајна несреќа кај Кичево, во која загинаа три лица и осуммина беа повредени, е голема неприлагодена брзина.
Трагичен биланс и предупредување
– Во синоќешната сообраќајка, за жал, животот го загубија три лица. Според првичните информации кои ги добив, станува збор за огромна неприлагодена брзина на еден од учесниците кој, за жал, е починат – изјави Тошковски.
Според него, иако бројот на жртви во првите три месеци од 2025 година е сличен со истиот период лани, состојбата и понатаму е алармантна во споредба со европските стандарди за безбедност во сообраќајот.
Потреба од итни мерки
Тошковски најави засилен фокус на имплементација на проектот „Безбеден град“, кој предвидува широка примена на технолошки решенија за следење и контрола на сообраќајот низ целата територија на државата.
– Во иднина максимално мора да се фокусираме кон поголемо смирување на сообраќајот во секој аспект, како и на имплементирање на проектот „Безбеден град“ на цела територија на државата – порача министерот.
Подетални информации за несреќата
Сообраќајната несреќа се случи во вторник вечерта околу 20:55 часот, на патниот правец Кичево – Гостивар, во близина на селото Трапчин Дол. Според СВР Охрид, во несреќата учествувале три возила. Осуммина повредени се пренесени во болницата во Кичево и во скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“.