Возачот кој вчера со возило влечеше врзан коњ низ улиците, предизвикувајќи шок и гнев кај јавноста, е идентификуван од страна на полицијата. Случајот предизвика бурни реакции на социјалните мрежи откако видеото од настанот беше објавено и споделено од граѓани и активисти.
Покрената постапка за „мачење на животни“
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, службеници од СВР Скопје веднаш презеле мерки и активности за утврдување на идентитетот на сторителот и за целосно документирање на случајот. Со возачот е извршен службен разговор, а по насоки од јавен обвинител ќе биде изготвено и доставено официјално известување со сите собрани докази.
Во соопштението од МВР стои:
„Од страна на полициски службеници од СВР Скопје беа преземени мерки и активности со цел утврдување и документирање на сторител на кривично дело „мачење на животни“ предвидено и казниво по член 233 од Кривичниот законик.“
Анима Мунди повторно алармира: Доста со парични казни
Овој случај е само последниот во низата на инциденти со малтретирање на животни во Македонија. Паралелно, во тек е и судењето против лицето што го малтретираше бездомното куче Феликс кај Момин Поток – случај кој исто така предизвика револт во јавноста. Здружението за заштита на животни Анима Мунди побара затворска казна за насилникот и потенцираше дека досега ниедна ефективна затворска казна не била изречена за вакви дела.
„Секогаш досега насилниците проаѓале со парични казни кои сметаме дека не се доволни,“ изјави Столе Велковски од Анима Мунди.
Што предвидува законот?
Член 233 став 1 од Кривичниот законик јасно предвидува:
- Оној што мачи животно, му нанесува непотребни болки или го изложува на страдање, ќе биде казнет со парична казна или затвор до шест месеци.