Србија со воена единица на парадата во Москва – ЕУ изрази загриженост

Српскиот претседател Александар Вучиќ останува цврст во намерата да присуствува на воената парада по повод Денот на победата над фашизмот на 9 мај во Москва, и покрај растечкиот притисок од Европската Унија.

Притисок од Европа, цврст одговор од Белград

Вучиќ на новинарите изјави дека нема да ја промени својата одлука, дури и по цена „небото да му падне на глава“. Тој додаде дека притисокот е огромен и доаѓа од сите страни, но дека нема да попушти бидејќи поканата за Москва ја прифатил уште пред осум месеци, а неговата последна официјална средба со рускиот претседател Владимир Путин била во ноември 2021 година.

„Не знам што ќе одлучи некој друг и какви ќе бидат санкциите. Не ја сменив мојата одлука, подготвен сум небото да ми падне на глава“, изјави Вучиќ.

Учество на српската армија

Србија ќе учествува со воена единица на парадата во Москва, што, според Вучиќ, е логичен чекор ако се има предвид значењето на Денот на победата за српскиот народ и историјата на борбата против фашизмот. Тој потенцираше дека Србија дала значаен придонес во Втората светска војна и дека токму затоа ја прифатил поканата од Москва.

Планирани средби и дипломатски активности

Покрај патувањето во Русија, Вучиќ најави и дипломатска офанзива во следните недели. Ќе има средби со европски лидери, ќе учествува на самити во Севиља, Тирана и Рим, и најверојатно ќе патува и во САД.

ЕУ со предупредување

Вучиќ индиректно одговори на неодамнешното предупредување од европските партнери, кои укажаа дека посетата на Москва ќе биде лошо прифатена во контекст на актуелната геополитичка состојба. Тој рече дека не може никој да му диктира каде смее да патува, а коментарите на естонската премиерка Каја Калас ги опиша како потенцијална уцена.

Разговори со „руските пријатели“

Во рамките на посетата на Москва, Вучиќ рече дека ќе се разговара и за продолжување на гасниот аранжман меѓу Србија и Русија – што е од витално значење за енергетската стабилност на земјата.

Verified by MonsterInsights