САД ја притиска Русија – или мир, или последици

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека во наредните неколку недели ќе се покаже дали Русија е навистина подготвена за мир во Украина или не. Изјавата доаѓа по дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, каде што клучна тема биле безбедноста, мирот и односите меѓу Москва и Западот.

„Ќе знаеме многу брзо – за неколку недели, а не месеци – дали Русија е сериозна или не“, изјави Рубио пред новинарите.

Трамп не сака „преговори заради преговори“

Рубио нагласи дека американскиот претседател Доналд Трамп нема намера да учествува во бескрајни преговори без конкретни резултати, потенцирајќи дека Украина веќе покажала отвореност за прекин на огнот, токму со цел да се создаде основа за вистински преговори.

Во тој контекст, се очекува и посета на специјалниот пратеник на Путин, Кирил Дмитриев, кој ќе пристигне во САД во текот на оваа недела. Тоа ќе биде прва официјална посета на висок руски функционер во Вашингтон од почетокот на војната во Украина во 2022 година.

САД: Гренланд нема да стане зависен од Кина

Рубио се осврна и на Гренланд, потенцирајќи дека САД нема да дозволат Кина да го користи економското влијание за да воспостави контрола врз островот. Тој потсети дека потпретседателот Џеј-Ди Венс неодамна ја посетил територијата, а таа посета предизвика силни реакции во Данска.

„Гренланѓаните јасно ставија до знаење дека сакаат независност. Ние ќе го почитуваме нивното право на самоопределување“, рече Рубио, алудирајќи на можните геополитички пресврти во регионот.

Verified by MonsterInsights