Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во раните утрински часови на социјалната мрежа Икс објави дека „стигнал“, но не наведе каде точно. Објавата дојде околу три часот по полноќ, што веднаш предизвика шпекулации за неговата локација, особено бидејќи по него е распишана потерница.
Патувањето кон Москва – потврдено од неофицијални извори
Иако официјално немаше најава за патување, неколку извори блиски до Додик потврдија за порталот Истрага.ба дека тој отпатувал од Белград за Москва, каде што наводно во вторник ќе има средба со рускиот претседател Владимир Путин. Информациите укажуваат дека летот од Белград пристигнал во Москва во 04:10 по локално време – или 02:10 по босанско време – што совпаѓа со времето на објавата на Додик.
Зошто не патувал со владиниот авион?
Авионoт на Република Српска се уште се наоѓа во Бања Лука, што значи дека Додик користел редовен лет за да ја избегне можноста за забрана на прелет над НАТО земји. Со оглед на тоа што сè уште не е одобрена меѓународната потерница од Интерпол, ваквото патување му овозможува поголема безбедност и можност за повраток, особено ако се земе предвид дека Србија не би го испорачала.
Политичка и правна ситуација околу Додик
Обвинителството на БиХ води истрага против Додик за нарушување на уставниот поредок. Судот веќе нареди издавање меѓународна потерница, но конечната одлука ја носи Интерпол. Засега постои само централна потрага во рамките на БиХ, а полицијата во земјата нема овластување да го приведе.
Средба со Путин – симболичен гест или политичка порака?
Доколку средбата со Путин навистина се случи, тоа ќе биде силен политички сигнал од Москва. Организацијата на средбата, според Истрага, е направена од Душко Перовиќ, претставник на Република Српска во Русија. Додик веќе еднаш, иако под потерница, патуваше во Израел каде учествуваше на конференција, а сега повторно ја демонстрира својата слобода на движење.