Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека пет пациенти кои се лекуваат во странство по трагичниот пожар во Кочани остануваат во критична состојба, додека здравствената состојба на останатите 100 пациенти е стабилна.
Првите повратници од странските болници се очекуваат во среда и четврток, за што се подготвени специјални протоколи за безбеден транспорт и прием.
„Подготвивме протоколи кои се испраќаат до Министерството за надворешни работи и се доставуваат до земјите каде што нашите пациенти закрепнуваат. Пет пациенти сè уште се во покритична состојба, но добиваме позитивни информации за стабилизација на состојбата“, изјави Таравари.
Министерот најави дека за пациентите ќе бидат ангажирани специјални медицински тимови и возила, кои ќе ги пречекаат на аеродромите и ќе ги транспортираат до скопските клиники.
„Ќе има стерилизација на сите возила и простории каде што ќе бидат згрижени. Само пациентите кои ќе се лекуваат во домашни услови нема да имаат потреба од посебни услови“, додаде Таравари.
Во меѓувреме, од болниците во Македонија наскоро ќе бидат пуштени девет пациенти на домашна нега.
Моментално, во земјава се лекуваат 55 пациенти: 27 на Клинички центар, 10 во „8 Септември“, 10 во „Св. Наум Охридски“, и 8 во приватни болници.
Здравствените власти нагласуваат дека внимателно го следат развојот на состојбата, особено поради ризикот од инфекции, кој се зголемува со текот на времето.