Кочанското обвинителство отвори истрага против 34 лица, меѓу кои седум полицајци и три правни субјекти, поради сомнение за тешки дела против општата сигурност поврзани со трагичниот пожар во дискотеката во Кочани, каде загинаа 59 лица, од кои шест малолетници. Повредени беа уште 197, меѓу кои и 25 деца.
Пет години без инспекција
Особено загрижува фактот што во период од 2020 до 2025 година, кога се случи трагедијата, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат ниту еднаш не ја посетиле дискотеката за да проверат дали има валидна лиценца за работа и дали ги исполнува минимално-техничките услови. Ова, според обвинителството, претставува сериозен системски пропуст.
Осомничени се и двајца поранешни директори на инспекторатот, како и тројца инспектори, кои имале обврска да вршат редовен надзор, но не го сториле тоа, дозволувајќи објектот да функционира илегално и небезбедно цели пет години.
Премногу луѓе, без дозвола
На самата ноќ на трагедијата, според обвинителството, во дискотеката биле присутни околу 650 лица, вклучувајќи најмалку 31 дете. Билетите биле продавани без контрола на бројот и возраста на присутните, во спротивност со Законот за угостителска дејност. Дополнително, биле внесени и употребени пиротехнички средства без дозвола, иако условите во објектот не дозволувале таква употреба.
Одговорност на сите нивоа
Истрагата ги опфаќа и сопствениците на дискотеката, поранешни и актуелни општински функционери, вклучително и тројца поранешни градоначалници на Кочани, и вработени во Министерството за економија. Тие, според обвинителството, не постапиле по прописите и со тоа директно придонеле кон создавање на опасна ситуација.
Обвинителот Љупчо Коцевски потенцира дека сите инволвирани, секој од аспект на своето службено својство, придонеле до катастрофата која ја потресе државата.