(ВИДЕО) Масовни протести го блокираа Белград – ситуацијата ескалира!

Трактори пред Пионерскиот парк – мистерија или координирана акција?

Голем број трактори се паркирани околу Пионерскиот парк во центарот на Белград, каде што здружението „Студенти 2.0“ кампуваат од 6 март, барајќи крај на студентските блокади на факултетите. Неколку десетици трактори, од кои дел без регистарски таблички, се најдоа на тротоарите и коловозот во текот на ноќта.

Според регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, тракторите пристигнале на локацијата без никаква официјална најава, а нивното присуство веднаш пред паркот каде што има засилено полициско обезбедување, покрена бројни прашања.

„Кој точно ги довел овде и зошто, сè уште не е познато. Јасно е дека нивното пристигнување и заминување не можеше да се случи без да бидат видени од полицијата,“ пишува српски „Данас“.

Студентите бараат акција – протестот закажан за 15 март

Студентите, кои веќе три и пол месеци ги блокираат факултетите, упатија апел до Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија да ја отстрани шаторската населба од Пионерскиот парк и да спречи нејзино повторно поставување до 16 март. Во спротивно, бараат највисоко ниво на безбедност преку полициски кордон кој ќе ги одвои учесниците на протестот од шаторската населба.

Вучиќ со порака до студентите – да се вратат дома

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера ги замоли студентите кои кампуваат во Пионерскиот парк да си заминат дома во сабота (16 март) и да се вратат наредниот ден. Тој не даде дополнителни објаснувања за овој повик, но ваквата изјава предизвика реакции во јавноста.

Американската амбасада со безбедносно предупредување

Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Белград денеска издаде безбедносно предупредување за своите државјани во врска со протестите. Тие ги советуваат американските граѓани да ги избегнуваат местата на масовни собири, предупредувајќи на можни безбедносни ризици.

СПЦ повикува на дијалог и мир

Во пресрет на протестот, Светиот архиерејски синод на Српската православна црква (СПЦ) повика на прекин на поделбите и иницирање братски дијалог. СПЦ ги охрабрува сите засегнати страни да покажат смиреност и покајание, особено за време на велигденскиот пост.

Што бараат студентите?

Главното барање на студентите е кривична и политичка одговорност за трагедијата на 1 ноември 2024 година, кога 15 лица загинаа при уривање на натстрешница на Железничката станица во Нови Сад. Нивниот протест доби поддршка од дел од наставниците, адвокатите, земјоделците и културните работници.

Масовни протести и блокади веќе се одржаа во повеќе српски градови, вклучувајќи го Нови Сад, Крагуевац и Ниш, а Белград се подготвува за еден од најголемите собири досега.

Verified by MonsterInsights