Рускиот претседател Владимир Путин денеска, на заедничката прес-конференција со белорускиот лидер Александар Лукашенко, зборуваше за можноста за примирје во Украина, кое е иницирано од САД. Тој потврди дека Русија не е против прекин на огнот, но постави клучни услови кои мора да бидат исполнети за да има долгорочен мир.
Путин: „Примирјето мора да води кон траен мир“
Путин изрази благодарност кон американскиот претседател Доналд Трамп за неговата улога во разговорите, но нагласи дека примирјето не може да биде само тактичка пауза за Украина, туку мора да доведе до елиминирање на коренските причини на конфликтот.
„Ние се согласуваме со предлозите за прекин на огнот, но нашиот став е дека примирјето треба да води кон долгорочен мир и елиминирање на причините за конфликтот. Украина ја донесе оваа одлука под притисок од САД, но дали тие се подготвени искрено да ја почитуваат?“ – праша Путин.
Русија не сака примирје кое ќе ѝ даде предност на Украина
Путин ја искористи можноста да зборува и за тековните борби во регионот Курск, каде што тврди дека украинските сили се во целосно опкружување и се во повлекување.
„Ќе го блокираме регионот во следните неколку дена, никој нема да може да го напушти. Но, што значи тоа за Курск? Дали треба да им дозволиме слободно да си заминат, без последици за злосторствата што ги извршија?
Путин исто така се сомнева дека Украина ќе го искористи примирјето за реорганизација, нови мобилизации и пристигнување на дополнителни воени залихи.
„Како ќе вршиме контрола? Како ќе ни се гарантира дека Украина нема да го искористи примирјето за да мобилизира нови војници и да добие дополнителна поддршка од Западот?“
Ќе има ли нови разговори меѓу Путин и Трамп?
Рускиот претседател потврди дека за ова прашање треба да се дискутира со САД, но засега нема закажан директен телефонски повик меѓу него и Трамп.
„Треба да разговараме за тоа со нашите американски партнери. Можеби ќе имаме телефонски повик со претседателот Трамп, но се уште не е договорено. Сепак, Русија поддржува мирно решавање на конфликтот“, истакна Путин.
На прес-конференцијата беше објавено дека вечерва Путин ќе се сретне со американскиот специјален претставник Стив Виткоф, што може да донесе повеќе детали за евентуалниот договор.
Енергетската соработка со САД – нов фактор во разговорите?
Во својот говор, Путин го спомена и енергетското прашање, кое би можело да игра значајна улога во преговорите.
„Ако Русија и САД се договорат да соработуваат за енергетиката, тогаш цевките кон Европа може повторно да се стават во функција, а Европа ќе добие евтин гас“ – порача Путин.