Киев ја одби американската понуда за минерали – се бара алтернативно решение

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одби да потпише предлог-договор што американската администрација го доставила неколку часа пред средбата во Минхен, а кој предвидувал САД да добијат контрола врз украинските минерални ресурси, пренесува Вашингтон пост.

Киев изненаден од американските барања

Украинските власти биле „шокирани“ од обемот на барањата што ги поставила администрацијата на Доналд Трамп, особено во однос на литиумот, графитот и ураниумот. Според извори блиски до разговорите, предлогот бил претставен како дел од договорот за продолжување на поддршката за Украина, но со услови што би ѝ овозможиле на Америка долгорочен пристап до критични минерални ресурси.

Украински функционери ја споредиле оваа ситуација со поделбата на африканските колонии во 18 век, нагласувајќи дека таков договор може да ѝ го одземе на Украина правото да ги развива своите природни богатства со децении.

Контрапонудата на Украина – наместо минерали, јајца

Во обид да го задржи американскиот интерес без да се откаже од суверенитетот врз минералите, Киев понудил алтернативен договор – поголем пристап за американските компании до одредени ресурси, но со дополнителни безбедносни гаранции за Украина.

Во меѓувреме, висок украински функционер изјавил дека земјата е подготвена да направи различни отстапки за да ја задржи поддршката на САД, вклучувајќи и „масивни испораки на украински јајца“.

„Имаме вишок јајца, а сме свесни за нивниот брз пораст на цените во Америка“, изјавил изворот за Вашингтон пост.

Договорот за минерали останува под знак прашалник, а останува да се види дали американската администрација ќе ја прифати оваа „поедноставена“ понуда од Киев.

Verified by MonsterInsights