Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија е подготвена за преговори со Украина, во обид да се најде решение за конфликтот. Оваа изјава беше дадена на церемонијата за предавање на акредитивните писма на новите амбасадори во Кремљ.
„Неколкупати сум нагласил дека Русија не само што е подготвена за преговори, туку на самиот почеток на конфликтот веќе беше вклучена во процесот на преговори,“ рече Путин. Според него, двете страни дури договориле заемно прифатлив договор, кој бил подготвен за потпишување. Меѓутоа, како што тврди, украинската страна подоцна го отфрли овој договор поради надворешни влијанија и совети.
Путин нагласи дека Русија е отворена за соработка со сите земји, без разлика на политичките ставови, и дека основниот принцип е заемна корист и строго почитување на меѓународното право. „Русија е подготвена за заемно корисна соработка со сите држави, заснована на принципите на еднаквост и немешање во внатрешните работи,“ изјави рускиот претседател.
Русија и Блискиот Исток
Во однос на конфликтот на Блискиот Исток, Путин изјави дека Русија активно се обидува да спречи дополнителна ескалација меѓу Израел и Палестина. Според него, руската надворешна политика ќе продолжи да биде насочена кон стабилизирање на ситуацијата во тој регион и спречување на поголем воен судир.